[fblike]

КРАТОВСКИТЕ ОСНОВЦИ СЕ ЕДУЦИРАА ЗА РИЗИЦИТЕ И ЗАШТИТАТА НА ИНТЕРНЕТ

Во ООУ„Кочо Рацин“ од Кратово, денеска се одржа Едукативна работилница за заштита од интернет злоупотреби, што ја водеше Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавноста и социјални медиуми.
Темата на која работеа кратовските основци се однесуваше на ризиците од злоупотребите во интернет просторот, правилата во онлајн комуникациите, заштитата и доброто однесување на интернет.
Во работилницата беа вклучени 20 ученици од 9-то одделение, кои заедно со специјалистот Кордалов, низ практични вежби, градеа вештини како да се заштитат од интернет манипулациите, кои се последиците од сајбербулингот, но и како да бидат емпатични и инклузивни за да се избегнат замките на социјалните мрежи и да се изгради позитивен став при нивната употреба.
Во изминатиот период основците ги градеа капацитетите и за основите на медиумската писменост, а во наредните два месеци треба да изработат и едукативни прилози и видео пораки за важноста на медиумското и информатичко описменување. Како завршна активност, пак, е планирано спроведување на младинска акција за медиумската писменост, со цел градење на критички став кон информациите со кои секојдневно се „бомбардирани“.
Едукативната работилница за заштита од интернет злоупотреби е дел од проектот„Медиумско описменување за критичен младински став“, кој го спроведува Центарот за аудиовизуелни уметности од Крива Паланка, во партнерство со порталот „Аберџија“, во рамки на проектот финансиран од Европската Унија„Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност-КриТинк“,кој го спороведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК-Центарот за европски стратегии.

 

[fblike]

Напишете коментар