Основното училиште „Кочо Рацин“ Кратово како основно училиште со работа започнува од 1945 година во една стара училишна зграда во центарот на градот. Поради зголемен број на паралелки и ученици, кој од година во година се зголемувал и покрај тоа што наставата се одвивала во две смени, ова училиште не ги задоволувало потребите и условите за одржување на наставата, па поради тоа е изградена нова училишна зграда на улица „Михајло Апостолски“ бр.11, во Царина маала во градот Кратово.
Од учебната 1973/1974 година до 2006/2007 година наставата во оваа училишна зграда се изведуваше во две смени. Учениците од одделенската настава ја посетуваа наставата во втората смена, додека пак учениците од предметната настава секогаш имаа настава во првата смена. Од учебната година 2007/2008 година наставата во ООУ ,,Кочо Рацин“ Кратово се изведува во две училишни згради. Во првата училишна зграда учат учениците од петто, шесто, седмо, осмо и деветто одделение, а во втората училишна зграда учат учениците од прво, второ, трето и четврто одделение. Наставата во основното училиште како и во сите подрачни училишта се изведува во една смена. Наставата во училиштето се изведува на македонски јазик. Во склопот на ООУ„Кочо Рацин“- Кратово функционираат следните подрачни училишта:
- подрачни деветтогодишни основни училишта во селата Крилатица, Сакулица и Шопско Рудари – подрачни петтогодишни основни училишта во селата Страцин, Шлегово, Железница, Живалево, Туралево, Вакув и Коњух.
ООУ „Кочо Рацин“ – Кратово е препознатливо со голем број на талентирани ученици кои со својата активност постигнаа врвни резултати на државни и на меѓународни натпревари.
Патрониот празник на училиштето се одбележува на 22 декември.