На 20 ноември 2024 година, на светскиот Ден на детето, Парламентарниот институт при Собранието на РС Македонија за учениците од основните училишта ја организираше едукативната работилница Детски парламент. На работилницата учествуваат 15 училишта од цела РС Македонија, а едно од нив беше и нашето училиште ООУ „Кочо Рацин“ Кратово.
Нашето училиште, го претставуваа учениците од IX одделение: Теона Анастасова, Анастасија Георгиевска, Јована Димитрова и Лука Тоневски, придружувани од наставникот по историја и граѓанско образование Христијан Ѓорѓиев.
Едукативната работилница Детски парламент беше поделена на неколку сесии. Имено, учениците беа дел од организирана обиколка на зградата на Собранието, учествуваа на средба со пратеници од различни политички партии и имаа можност да им постават прашање. Исто така, пред останатите ученици и поканетите пратеници, нашите ученици презентираа креативно пано изработено од нив, на тема „Слушајте ја иднината“ и учествуваа во игра на улоги-улога на пратеник, каде што дебатираа и разменуваа аргументи со останатите ученици на тема: „Замена на класичните учебници со електронски“.
Нашите ученици зедоа активно учество во сите сесии од едукативната работилница Детски парламент, со својата комуникативност, креативност и вештина за изнесување на аргументи успешно го претставија нашето училиште.