0Shares

Честитки за наградените ученици и сите ученици кои учествуваа на литературниот конкурс. Во прилог Ви ги претставуваме победничките литературни творби и галеријата доделувањето на наградите и дипломите по повод патрониот празник на училиштето.

 

Наградени литературни творби:

 

I ва- награда, Елена Николова

Учителот наш Коста Солев -Рацин

Живна гората,
живна слободата,
живна песната,

напишана на крвавиот ни живот.

Додека пушки силно ечеа,
и безгрешни души низ пекол ги влечеа,
додека црно сивило денот го покри,
сепак, не можеше среќата сосем да ја сокри.

Додека Коста од тагата,
стана љубен стих и лек за маката,

додека многумина ги листаа неговите стихови со раката,
тој всади богатство со темелите на неговите стихови,творби,песни

и на сечии гради ги стори маките лесни.

Свесен за македонската мака,

ги везеше под светилката на таванот, стиховите со својата рака

и нам ни го предаде своето срце на дланка.

Додека ги градеше темелите на македонската литература,

го дочека и него кобната бура.

Додека утрата беа црни ко пепел
и жарта на срце зракот го слепел,
тој ги потргнал црните завеси
што тажниот живот и дождот ги нанеси.

Ги напиша ,, Бели мугри “ и остави печат свој,
дури и кога се биел тежок бој.

Кога белите мугри на небо се рудат,
патот кон училиште нестрпливо го будат.
Со сведната глава од бол,

срамежливо поглед кревам кон портретот твој.
Ти велам ,, Доброутро, голем учителу,
ти челад своја не остави,
но своја челад низ сите училишта
со љубов кон вечниот збор постави,
која верно ќе го чекори твојот пат
плодови литературни ќе дари,
и твоето име за навек ќе го слави“.

Кога ме гледаш ко со шепот да ме отпоздравуваш

и аманет ми поставуваш.

,,Деца мои продолжете таму каде што застанав јас,

оружјето е во пишаниот збор,
таму ќе го најдете вашиот спас“.

Замислено чекорам,

и настанот кобен ко ехо во мисла одѕвонува
и за крајот твој, тажен, секогаш зборува.

И од своите , свој го предаде
и од своите, свој бол создаде.

Но никогаш и никој неможе да украде
Она што неговото срце нам ни подаде
Тој се’ уште живее и ќе живее
во неговите стихови.

Ученичка од VIII а :
Елена Николова

 

 

II ра- награда, Стефанија Гроздановска

Рациновото срце –порта највисока,

куќа најширока

Се родил во Велес

за да живее

за да се радува

на животот

на зракот

на слободата !

Работел во дуќанот

во дуќанот на

татко му

а ноќе,на таван

со свеќа во рацете

читал многу

читал до утро.

Рацин е најсвета ѕвезда

ѕвезда на поетското небо

ѕвезда која не се

гаси !

                                            Создал многу песни,

песни за македонскиот народ,

за радоста наутро,

за тагата навечер,

песни за македонскиот непокор

песни за бели мугри!

Зошто човек да страда

да страда од лулка

до гроб?!

Згасна неговиот живот

запре неговото срце

запре творењето

но не згаснаа

неговите песни

бисери на Македонија.

Ќе блесне сонце златно

ќе л’сне живот нов,

и блесна живот нов,

блесна сонце златно

над наша Македонија!

Чекориме слободно во

слободна Македонија

чекориме со радост во

срцата

со насмевка на усните и

пееме за овој поет,

за Кочо Рацин!

 

Стефанија
Гроздановска
  VI a

 

II ра- награда, Аријана Младеновска

Рацин во срцето

 

Народот напатен,

темна судбина,

црно перо,

надеж за слобода

на белото писмо.

 

Борецот Рацин,

со цврста рака,

излеа зборови за

пустата наша мака.

 

Сонот за слобода,

е идеал вреден,

се бореше тој чесно

за народот свој беден.

 

„Белите мугри“,

ги читаме на глас,

се предаваат на поколенија,

како одзив за спас.

 

Неговата судбина,

тажна и жална,

но човекот е вреден,

народот знае,

Рацин е еден.

 

Животот го остави,

една црна ноќ,

но, песните негови,

со години и години

имаат силна моќ.

Аријана Младеновска VIIБ

 

III та- награда, Илина Чочевска,

„Рациновото срце – порта највисока, куќа најширока“

КОСТА АПОСТОЛЕВ СОЛЕВ РАЦИН  е македонски книжевен деец и комунистички активист, најпознат по својата поезија. Тој е еден од основоположниците на македонската литература, а неговата стихозбирка „Бели Мугри“ претставува едно од најзначајните поетски дела во македонската современа литература.

Рацин е роден на 22 декември 1908 година во Велес, во сиромашно грнчарско семејство. Рано го сфатил ропскиот живот на македонскиот народ и затоа уште во детството кај него се јавила омраза кон експлоататорите. Поради сиромаштијата го прекинал школувањето и му се посветил на татковиот занает. Секој слободен момент го користел за читање, повлекувајќи се на таванот и учејќи на свеќа. Меѓу двете светски војни станал член на Комунистичката партија на Југославија. Во 1939 година, во Самобор, до Загреб, била отпечатена на македонски јазик стихозбирката „Бели мугри“. Книгата била забранета, но сепак брзо се раширила меѓу македонското население.

Во 1941 година работел во Софија, па избегал во Скопје. Малку подоцна се вклучил во партизанските одреди. Го издавал весникот „Илинденски пат“. Работел во партизанската печатница и подготвувал нова книга за печатење. Загинал несреќно на 13.6.1943 година, на планината Лопушник.

Кај Рацин јасно се издвојуваат две фази во неговото творештво. Првата фаза ги опфаќа песните посветени на невозвратената љубов што тој ја чувствувал кон Рахилка Фирфова-Раца, а во втората фаза, Рацин го пренесува макотрпниот живот и експлоатацијата на македонскиот народ.

Рацин конкретно и со прецизност зборува за маките и страдањата на народот, злоупотребата на работникот, неправдата во општеството, социјалната беда и тешкото чувство на ропството. Читајќи ги сите негови напишани строфи и стихови предизвикуваат солзи во очите и за миг може да ја почувствуваме болката и тагата што ја имале поробените и изнемоштени луѓе. Неговата стихозбирка „Бели Мугри“ има симболичен наслов кој го посакуваат сите угнетувани луѓе, живот во кој сите ќе бидат еднакви и слободни.

Песната „Денови“ посебно се истакнува и се однесува за аргатите, работници чија работа не била гарантирана и добро платена. Преку компарација ги опишува тешките аргатски денови, мачни како ѓердан од камења, долги и неиздржливи. Опишана е и принуденоста да работат за друг, за да преживеат. Постојаното страдање до крајот на својот макотрпен живот ќе го нижат на железниот синџир од алки ковани.

Во песната „Тутуноберачите“ се опишани солзите и потта излеани врз секој тутунов лист на тутунарот. Тука е прикажан и гневот на вечно изнемоштениот човек. Се чувствува и маката и деноноќната работа и тивкиот револт на тутуноберачите, како и помиреноста со судбината.

Во песната „Ленка“ поетот ја опишува принуденоста на девојката, поради сиромаштија да оди и да работи во монопол. Низ неколку стиха ја кажува трагичната судбина на Ленка, болеста и нејзината пресмртна мака.

Во „Копачите„ се искажани мислите и идеите за симболично рушење на мракот – ропството и на доаѓањето на сончевите мугри – слободата. Тој повикува на борба за подобар живот преку заеднички народен бунт, во кој со многу жртви и пролеана крв ќе се плати слободата.

Низ текстот во песната „Татучо“ , Рацин го предава патот на револуционерот, односно моментот кога работникот веќе настапува како активен борец за ослободување на поробениот народ – инспириран за тоа од подвигот на познатиот ајдучки војвода со чиешто име е насловена самата песна. Во неа е вткаен мотивот дека оној кој се крева во борбата за слободата на својот народ, треба целосно да се жртвува.

Идентификувајќи се наполно со судбината на народниот борец, Рацин ја искажува вистината за себеси.

Ако куќа не направив

со високи шишмир порти,

куќа цел свет братски ми е

братски срце што отвора,

срце – порта највисока,

срце – куќа најширока.

Потоа нагласува дека секогаш најинтимното треба да се жртвува за целите на револуционерната борба. Тој ја сугерира идејата дека за вистинскиот револуционер не е важно каде ќе се одигра последната битка во неговиот живот – најважно е тој да биде положен во темелите на општонародното дело.

Рацин целиот свој живот го посветил на борбата за бели мугри. Пеејќи за мачниот живот, низ стиховите протестира во одбрана на македонскиот работник и селанец и од неговото широко и најдобронамерно срце ја искажува вербата за пробудените сили и за силно светнатиот ден.

Ние денес сме благодарни што ги имаме делата на еден од најзначајните интелектуалци на македонската литература, а особено сме горди што нашето училиште го носи неговото име – „Кочо Рацин“.

 

                                                                                                                               Илина Чочевска, VIII – a одд.

Галерија (доделување на дипломи и награди):

 

 

Коментари

Напишете коментар