245Shares

ООУ „Кочо Рацин“-Кратово продолжува со добрата пракса на промоција на училиштето надвор од нашата земја, преку интернационална соработка на учениците и наставници од ова училиште со нивни врсници и колеги од други училишта од различни европски земји. Досега ова училиште има успешно реализирано четири завршени Еразмус+ проекти, еден проект сѐ уште трае, а од оваа учебна година, во училиштето ќе стартуваат уште два нови проекти на многу интересни и значајни теми.

Првиот проект, кој што е наречен ЛИСТОВИ (LEAVES- Learning about Environment, Activism, Volunteering in Educational Schemes), ќе има за цел да ја рашири идејата за волонтерство и подигање на свеста за заштита на животната средина.

 

Прашањата на кои нашите „волонтерски тимови“ ќе работат, се глобални: идејата за одржливост, зелените предизвици, здравиот начин на живот, спортот и взаемната помош во општините се само неколку капки во океанот на глобализираниот свет.

Сепак, тие се суштински делови на една целина.

Проектот ќе биде насочен кон учење практични вештини и меки вештини, и подобрување на комуникацијата на учесниците на англиски.

Работењето на онлајн книгата со ресурси полна со инспиративни идеи, ќе ја направи наставната програма на секое партнерско училиште поиновативна и одраз на тековните потреби на глобализираниот свет.

Она што е особено важно е дека значителен дел од грантот е предвидено да се намени за уредување на просторија во училиштето во т.н. видео просторија, која ќе биде опремена со современа опрема за снимање на професионални видеа ( професионална камера, апарат, додатна опрема, рефлектори, зелена позадина ( green screen) и друг потребен софтер).

Ова ќе биде од особен бенефит за учениците во нашето училиште кои ќе можат на практичен начин да ги развиваат нивните дигитални вештини и да навлегуваат во светот на технологијата на интересен и занимлив начин.

 

Во овој проект, кој ќе трае 3 години, ќе учествуваат шест (6) партнерски училишта, а главен координатор на проектот е партнерското училиште од Словачка.

Вториот одобрен проект е наречен „Модел на Европска унија“ (Model of European Union), и преку овој проект, учениците ќе имаат можност да научат повеќе за Европската унија, нејзините вредности и принципи. На секоја интернационална средба, учениците ќе имаат можност да учествуваат во симулирани состаноци на Советот на ООН и да дискутираат важни прашања.

Иако не секој има цел да стане политичар или дипломат во иднина, нашиот проект ќе биде од голем бенефит за учесниците бидејќи ќе имаат можност да ги препознаат проблемите во денешниот свет, да создадат можни решенија за овие проблеми и подобро да ги толкуваат политичките и економските случувања.

Згора на тоа, учениците ќе ги развиваат основните вештини на 21 век како флексибилност, лидерство, иницијатива, социјални вештини, критичко размислување, креативност, соработка, комуникација, медиумска писменост, технолошка писменост, дигитална писменост, кои се наменети да помогнат учениците да се во чекор со молскавичното темпо на денешниот модерен свет.

Во овој проект учествуаат четири (4) партнерски училишта, а координатор е училиштето од Полска. Овој проект ќе трае 18 месеци.

Коментари

Leave a Reply