Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО) има возбудливи вести за вас и вашите ученици! Како што се приближуваме до Светскиот ден на храната во 2022 година, со задоволство го објавуваме нашиот годишен конкурс за цртежи/постери и активности за млади по овој повод.
Секоја година на 16 октомври #Светскиот ден на храната #WorldFoodDay се одбележува во околу 150 земји за да инспирира промени кои ќе придонесат за подобра, поодржлива иднина, каде секој ќе има пристап до доволно квалитетна храна за да води активен и здрав живот. Оваа година, Светскиот ден на храната се одбележува во време кога светот се соочува со повеќе глобални предизвици, вклучувајќи ја тековната пандемија, меѓународните конфликти, климатските промени, раст на цените итн. Сето ова влијае на глобалната сигурност на храната и неухранетоста.
Како и секоја година, ги покануваме Вашите ученици да учествуваат и преку својата креативност да ни помогнат да повикаме на глобална солидарност и колективна акција за трансформација кон поефикасни, инклузивни, одржливи и отпорни земјоделски системи кои ќе обезбедат подобро производство, подобра исхрана, подобра животна средина и подобар живот, при што никој нема да биде изоставен.
ПРИЈАВЕТЕ СЕ НА НАТПРЕВАРОТ!
Поттикнете ги Вашите ученици да бидат двигатели на позитивни промени и започнете така што ќе ја разгледате заедно Книгата на ФАО со активности за Светскиот ден на храната 2022.
Разгледајте ги заедно едукативните активности и поттикнете ги да се пријават на конкурсот со поднесување на својот цртеж, најдоцна до 4 ноември 2022 година, на следниот ЛИНК.
КОЈА Е ТЕМАТА?
11-тото издание на ФАО конкурсот за постери за Светскиот ден на храната е отворено за ученици ширум светот на возраст од 5 до 19 години. Сакаме да ја искористат својата имагинација и да креираат цртеж прикажувајќи свет во кој никој не е изоставен и секој, секаде има пристап до доволно хранлива храна.
Цртежите може да се нацртаат, насликаат или дигитално да се дизајнираат, а потоа да се поднесат на веб-страницата на Светскиот ден на храната, на следниот ЛИНК, со следење на дадените инструкции.
ПРАВИЛА И НАГРАДИ
Повеќе детали за пријавувањето има на веб-страницата на Светскиот ден на храната. Ќе бидат избрани тројца победници од следните возрасни категории: 5-8 години, 9-12 години, 13–15 години и 16–19 години.
Победниците ќе бидат објавени во декември на нашата веб-страница и на другите комуникациски канали на ФАО. Тие ќе добијат Сертификати потпишани од официјален претставник на Обединетите нации, како и подарок изненадување.
ДАЛИ ЗНАЕВТЕ?
Две години по ред имавме победници од Република Северна Македонија: ученичката Сара Цветкова од Скопје, која во 2019 година освои прва награда во категоријата 9-12 години, со нејзиниот постер кој повикува на „заштита на пчелите за постигнување на Свет без глад, и ученикот Павел Милановски од Куманово кој во 2020 година освои прва награда во категоријата од 13-15 години со цртеж во кој го претстави земјоделецот како суперхерој.
Ги покануваме и охрабруваме Вашите ученици да ни се придружат!
Крајниот рок за поднесување на цртежите / постерите е 4 ноември 2022 година.
Ако имате какви било прашања, контактирајте нè на [email protected].
Со почит,
Тимот на Светскиот ден на храната
Организација за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО)
Е-пошта: [email protected]