0Shares

Во рамки на Еразмус+ проектот „Model European Union“, во периодот од 27 до 31 март, 2023 година, во партнерското училиште од Бакау, Романија, се одржа првата мобилност со физичко присуство на учесниците од овој проект.

Учесници беа четири (4) ученици  од нашето училиште, наставниците Мартин Николовски и Тошо Петков и наставници и ученици од Романија, Полска и Турција.

Темата што учесниците во проектот ја работеа оваа недела беше „Советот за правда и внатрешни работи на ЕУ“, а учениците преку различни активности учеа за човековите права и имиграционите политики на земјите-членки на ЕУ.

26.03.2023 година – Попладнето, македонскиот тим пристигна на аеродромот во Букурешт, а потоа се упативме кон градот Бакау, каде што пристигнавме вечерта, истиот ден. Кога стигнавме во местото, учениците отидоа во фамилиите- домаќини, а наставниците се сместивме во хотел.

27.03.2023 год.- Првиот ден од работната недела започна со свечен говор за добредојде од страна на директорката на државниот колеџ „Ѓеорѓе Вранчану“, Моника Ресмерица, по што учениците од романското училиште ги презентираа нивното училиште, реонот Бакау, градот Бакау и позначајните државни знаменитости и личности, преку претходно изработени презентации. Претставување на своите училишта и места од каде што доаѓаат презентираа и останатите учесници од Полска и Турција, како и тимот ученици од Македонија со претходно изработени презентации и видеа од градот и училиштето. Откако учениците беа поделени во две групи тие се упатија во посебни училници каде што имаа дебати во кои ги претставија активностите кои следуваат, а истите имаа и за цел да го поттикнат критичкото мислење, говорното изразување, како и да ги поттикнат учесниците на активно учество во истражувачките и останати активности. Во делот на состанокот на наставниците се зборуваше за употребата на eTwinning платформата – размена на добри пракси, справување во исклучителни ситуации. Како последна активност беа предвидени други културни активности за подобро меѓусебно запознавање на учесниците.

28.03.2023 год.- Вториот ден најпрвин се формираа комисии и работни групи како начин за поуспешно водење на дебати и истражувачки активности. Почнаа и работилниците по групи кои имаа истражувачки активности и дебати. На крајот се продолжи во други културни активности за подобро меѓусебно запознавање на учесниците. Се одржа и состанок на наставниците на кое се зборуваше за постигнатите резултати во работилниците и останатите прашања околу имплементацијата и менаџирање на проектот.

29.03.2023 година – Третиот ден учесниците имаа посета на градот Јаш, оддалечен околу 130 км од Бакау. Во Јаш учесниците имаа можност да се запознаат со историјата, како и со културната и образовната значајност на ова место во рамките на Романија. Ботаничката градина, Палатата на културата, Палатата Јаш, Паркот Копоу (Паркот на студентите), каде што се наоѓа и споменик-статуа од познатиот романски писател Ион Креанга, Медицинскиот факултет, како и други позначајни знаменитости во ова место. Посетата траеше цел ден.

30.03.2023 година – Четвртиот ден учесниците продолжија со работилниците. На истите се продолжи со изработка на работни верзии од претходно зацртаните резолуции. По паузата, работните групи продолжија со работа и ги изготвија финалните верзии од резолуциите. Како последна активност во овој дел беше презентирањето и изгласувањето на донесените резолуции од страна на учесниците во работилниците. На состанокот на наставниците се работеше на креирање на профили, најава и вмрежување преку eTwinning платформата. Подоцна, истиот ден, од страна на домаќините беше организиран настан од културно-забаванен карактер – официјална завршна вечера. На истата беше презентиран традиционален романски танц, кој потсетува на нашите ора, како и дел од романската национална кујна. Со ова се одбележа и успешната реализација на предвидените активности, дел од оваа мобилност.

31.03.2023 година – Последниот, петти ден учесниците и формално завршија со своите задачи. Истите беа разгледани и евалуирани и од страна на наставниците. На последната официјална свечена церемонија беа врачени сертификати за учество во проектот, со што и заврши оваа мобилност од проектот.

01.04.2023 – Во раните утрински часови во саботата се упативме од Бакау, Романија кон Меѓународниот аеродром Хенри Коанда во Букурешт. Во попладневните часови полетавме од Букурешт кон Истанбул.

02.04.2023 – Во Истанбул, поради претходно откажан лет, моравме да преспиеме и во утринските часови во неделата од Истанбул полетавме кон Скопје.

 

Преку овие активности сите учесници ги проширија своите знаења во врска човековите права и имиграционите политики како проблем, резолуцијата како формален писмен заклучок, ги усовршија нивните дигитални и комуникациски вештини, го подобрија нивниот англиски јазик и научија за други култури. Ова беше едно убаво искуство за сите учесници.

Следната мобилност од овој проект ќе биде од 15 до 19 мај, 2023 година во Мерсин, Турција.

Коментари

Напишете коментар