Во рамки на Еразмус+ проектот „ЛИСТОВИ“, во периодот од 04 до 08 ноември, 2024 година, во партнерското училиште од Никозија, Кипар се одржа петтата мобилност на учесниците од овој проект.
Учесници беа четири (4) ученици од нашето училиште и наставниците Кристина Цонкинска и Јелена Давиткова, како и наставници и ученици од Словачка, Германија, Португалија, Полска и Кипар.
Темата на неделата беше „Биди спортист“. Во продолжение е неделната програма.
03.11.2024 година- Во раните утрински часови македонскиот тим пристигна на аеродромот во Солун, а потоа летавме до Ларнака. Во Никозија, учениците отидов во фамилиите-домаќини а наставниците се сместивме во хотел.
04.11.2024 год.- Првиот ден од работната недела, по официјалното отпочнување на програмата со обраќањето на координаторот од училиштето во Никозија, следуваа активности за подобро запознавање на учесниците . Потоа, учесниците имаа разглед на партнерското училиште. После паузата, следуваше групна работа на учениците и наставниците кои од претходно беа поделени во 5 интернационални групи, спрема тоа што сакаат да работат.
Првата група имаше за задача да креира нов број на онлајн списанието ЛИСТОВИ. Втората група имаше за задача да научат традиционални танци од секоја партнерска земја. Третата група имаше за задача да смисли игри и да организира хуманитарен настан. Четвртата група имаше за задача да направи видео за јутјуб каналот на проектот и последната група, имаше задача да направи подкаст за јутјуб каналот и училишното радио.
Секоја група направи план за тоа како ќе работат во својата група во текот на неделата и си ги поделија задачите во својата група.
05.11.2024 год.- Вториот ден, учесниците имаа пет различни сесии на плажа под мотото „Спортуваме на плажа“ со професионални инструктори: 1. Јога на плажа 2. СУП 3. Возење кајак 4. Одбојка на плажа 5. Чистење на плажата од микропластика.
06.11.2024 година- Третиот ден беше поврзан со „Инклузија и спорт“. Првиот мотивациски говор беше од страна на поранешен ученик од училиштето, кој после преживеана сообраќајна несреќа, останал парализиран и не можел да се движи. Со напорни вежби за рехабилитација, успева да прооди, завршува студии за архитектура а во 2022 учествува во маратон, на кој пешачи 5км.
Вториот дел беше резервиран за локалниот кошаркарски тим во колички, кој што е најдобар во својата категорија на национално ниво. Тие зборуваа за предизвиците со кои се соочуваат секојдневно но и нивната волја за живот и успех.
Потоа, следуваше говорот на еден од најдобрите параолимпијци во стрелаштво и неговиот тренер. Тие зборуваа како стрелецот, кој почнал да го губи видот на 30 годишна возраст, успеал да научи стрелаштво и да стане светски шампион.
На крај, наставничка по ликовно, од самото училиште, зборуваше за нејзината пасија, планинарење, и нејзиното неодамнешно искуство од искачување на Килиманџаро.
Сите овие спортисти имаа за цел да ни покажат дека сите можеме да ги оствариме своите соништа, доколку сме посветени, одговорни и трудољубиви.
После паузата, имавме кратко патување и пикник со фамилиите-домаќини во природа.
07.11.2024 година- Четвртиот ден, учениците и наставниците работеа во своите групи.
Во попладневните часови, имавме разглед на Никозија и дознавме нешто повеќе за историјата на градот и неговата поделеност.
08.11.2024 година- Последниот ден, учесниците завршуваа со работата во нивните групи а потоа презентираа пред другите групи што сработиле.
Потоа следуваше доделувањето на сертификатите за учество на сите учесници. На доделувањето присуствуваа и амбасадорите на Полска, Португалија и Словачка, кои упатија честитки до учесниците за нивната успешна работа, а беа засадени и 5 дрвца во училишниот двор, како симбол за плодната соработка со секое партнерско училиште.
09.11.2024 год.- Во раните утринските часови се упативме кон аеродромот во Ларнака, а во Македонија се вративме во попладневните часови.
Преку овие активности сите учесници ги прошираа своите знаења, ја развиваа нивната креативност преку извршување на различни задачи, ги усовршија нивните дигитални и комуникациски вештини, го подобрија нивниот англиски јазик и научија за други култури. Ова беше едно убаво искуство за сите учесници.
Следната мобилност од овој проект ќе биде во март, 2025 година во партнерското училиште во Равич, Полска.