0Shares

📚 Светскиот ден на книгата во нашата библиотека: „Книга во 6 зборови“

По повод Светскиот ден на книгата – 23 април, во училишната библиотека на ООУ „Кочо Рацин“ – Кратово се реализираше креативна активност со ученици од V, VIII и IX одделение. Под мотото „Книга во 6 зборови“, учениците имаа задача да опишат своја омилена книга користејќи само шест зборови.

Целта на оваа активност беше да се поттикне љубовта кон читањето, развивање на креативноста и кратко, но ефективно изразување на впечатоците од прочитаното. Задачата ги инспирираше учениците да размислат подлабоко за содржината на книгите, ликовите и пораките што тие ги пренесуваат.

Некои од описите беа изненадувачки, поетски, а некои дури и духовити. Така, една книга беше опишана како:
„Омраза, граници, љубов, тага, карма, пријателство“, додека друга доби опис:
„Загатка, пријатели, страв, ноќ, храброст, вистина“.

Покрај кратките описи, учениците имаа можност да направат и мали илустрации инспирирани од нивните шест зборови, што дополнително ја збогати активноста со визуелна уметност.

Настанот помина во позитивна и инспиративна атмосфера, а библиотеката се претвори во мала галерија на идеи, мисли и книжевна љубов. Оваа активност уште еднаш потврди дека книгата може да биде извор на радост, истражување и креативен израз, дури и кога е „спакувана“ во само шест зборови.

Коментари