0Shares

Почитувани,
МОН објави Конкурс за ученици од основното образование инспирирани од делата на Блаже Конески, контактираајте го Вашиот наставник/ментор за повеќе информации и помош. Во прилог повеќе информации за конкурсот.

Конкурс за ученици од основното образование инспирирани од делата на Блаже Конески

По повод одбележувањето на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, согласно Националната програма „2021 – Година во чест на Блаже Конески“ и Заклучокот на Владата на Република Северна Македонија бр. 40-2047/1 од 09.02.2021 година, Министерството за образование и наука распишува

КОНКУРС

за ученици од основното образование инспирирани од делата на Блаже Конески

I.УСЛОВИ ЗА УЧЕСТВО

Право на учество имаат сите ученици од прво до деветто одделение од основните училишта на територијата на Република Северна Македонија.

Конкурсот се објавува за натпревар во следните категории:

Учениците од прво до трето одделение може да учествуваат во следниве три категории:

Прва категорија:

-Награда за најдобра ликовна творба „Блаже Конески низ цртеж“

Втора категорија:

-Награда за најдобра ликовна творба „Буквите низ цртеж“

Трета категорија:

-Награда за најдобра ликовна творба/фотографија

Учениците од четврто до деветто одделение може да учествуваат со свои творби на темите:

„Конески бдее над татковината – јазикот“ или„ Поезијата на Блаже Конески- наша ненасушна инспирација“

во следниве категории:

Четврта категорија:

-Награда за најдобра поетска творба

Петта категорија:

-Награда за најдобар расказ

Шеста категорија:

-Награда за најдобра ликовна творба/фотографија

II. НАЧИН И РОК ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ

Творбите треба да бидат оригинални, плод на трудот и знаењето на ученикот, инспирирани од богатата ризница на поетски творби на Блаже Конески.

Еден ученик може да испрати само по еден индивидуален авторски труд во една категорија или во повеќето наведени категории, соодветно на одделението во кое учи ученикот.

На творбите од ученикот треба да стои шифра, одделение и категорија за која конкурира и во посебен внатрешен плик означен со истата шифра на ученикот да бидат доставени податоците на ученикот (име и презиме, одделение во кое учи ученикот, училиште, општина и контакт телефон од родителот/старателот). Внатрешниот плик со податоците на ученикот ќе биде отворен само за наградените творби по извршениот избор во категориите.

Творбата заедно со пликот со податоците за ученикот кој ја изработил, треба да биде доставена најдоцна до 1 април 2021 година, во затворен плик со следната назнака: „За Конкурс за ученици од основното образование инспирирани од делата на Блаже Конески“, на следната адреса: Министерство за образование и наука, ул.„Кирил и Методиј“ бр.54 1000 Скопје.

III.НАЧИН НА ИЗБОР

За изборот на најдобрите творби во секоја од наведените категории, Министерството за образование и наука ќе формира посебни комисии составени од пет (5) члена.

IV. ДОДЕЛУВАЊЕ НА НАГРАДИ

Се доделуваат вкупно дваесет и седум (27) награди, само за освоено прво место, во секоја категорија, за секое одделение од основното образование.

Секоја награда се состои од книги.

Министерството за образование и наука ќе ги објави имињата на наградените ученици на својата веб страница www.mon.gov.mk, најдоцна до 20 април 2021 година.

Наградите ќе бидат доделени на настан по повод чествувањето на 100годишнината од раѓањето на Блаже Конески.

За присуство на приемот на наградата, Министерството за образование и наука ќе ги надомести средствата за превоз на наградените учесниции за придружба на еден возрасен (наставник или родител/старател), во висина на карта за автобуски превоз.

Наградените учесници ќе бидат поканети да присуствуваат, во придружба на еден возрасен (наставник или родител/старател) на една од културните манифестации посветени на Блаже Конески во текот на годината, каде ќе им биде врачена наградата.

 

Повеќе информации за условите за учество на натпреварот може да најдете на следните линкови:
Министерството за образование и наука ја користи оваа прилика да го покани Вашето училиште да учествувате во соодветните категории со творби од учениците.
Нека победат најдобрите!
Коментари

Напишете коментар