[fblike]

Во рамки на Еразус+ проектот „Биди Безбеден“, во периодот од 13 до 17 јуни, 2022 година, во партнерското училиште од Мадрид, Шпанија, се одржа четвртата мобилност со физичко присуство на учесниците од овој проект, со исклучок на партнер училиштето од Финска, кое што овој пат не зеде учество.

Учесници беа дванаесет (12) ученици и три (3) наставници од нашето училиште, и осум наставници и триесетина ученици од Романија, Луксембург и Шпанија.

Темите што учесниците во проектот ги работеа оваа недела беа „Лажни вести и безбедна онлајн комуникација“ и „Сајбер-булинг“.

Во продолжение, прочитајте за нашите активности за време на мобилноста: 

12.06.2022 година- Во раните утрински часови македонскиот тим се упати кон аеродромот во Софија, од каде што имавме директен лет до Мадрид. Откако слетавме во Мадрид, се упативме кон хотелот во кој се сместивме, и откако се одморивме, направивме прошетка низ центарот на Мадрид.

13.06.2022 год.- Првиот ден учесниците следеа презентации за училиштето-домаќин и Мадрид. Потоа беше презентирана програмата за таа недела. За време на паузата, учесниците имаа можност да ги пробаат традиционалните churros со чоколаден пудинг. После паузата, учениците беа поделени во групи и ги имаа првите работилници. Имено, секоја група требаше да разговара на темата лажни вести и како да се препознаат, и учениците имаа задача да снимаат интересни видеа во кои даваат совети за препознавање на лажни вести. 

Додека учениците имаа работилници, наставниците имаа состанок, на кој беше разговарано за неделната програма и како најдобро да се реализира истата.

После работилниците, сите учесници имаа заеднички ручек. После ручекот, имавме слободно време, и имавме убава можност да ги посетиме Кралската палата во Мадрид и паркот Ретиро. 

14.06.2022 год.- Вториот ден, учениците од секоја држава ги претставија своите видеа за анти-булинг, а македонските ученици имаа и две кратки драми. 

После паузата, учениците во групи имаа разглед на дел од градот, со исполнување на задачи преку апликацијата Actionbound around Royal Palace and Sabatini gardens.

Во вечерните часови, македонскиот тим го посети најпосетуваното место во Мадрид, односно Museo Del Prado, каде што видовме дел од познатите слики од Гоја, Ел Греко, Рубенс, Тициан и Веласкез.

15.06.2022 година- Третиот ден учениците во истите групи од првиот ден, имаа нова задача да разговараат на темата сајбербулинг и да снимаат интересни видеа преку кои ќе даваат совети за превенција и заштита од онлајн насилство.

После паузата, сите учесници имаа организиран разглед на Мадрид со туристички водич, преку кој научивме интересни факти и историја на местата што ги видовме, меѓу кои Plaza de Sol, Plaza Mayor, најстариот ресторан во светот, кој работи без престан од неговото отворање, познати цркви, Кралската палата со нејзините градини и Teatro Real.

16.06.2022 година- Четвртиот ден, сите учесници го посетивме градот Сеговија, каде што локалниот водич ни раскажа дел од историјата на местото и ги видовме најзначајните места, како што се римскиот аквадукт, стар повеќе од 2000 години, замокот Алказар и познатата катедрала во градот.

17.06.2022 година- Последниот ден, учесниците ги проследија видеата креирани во претходните денови за време на работилниците, на темите лажни вести и безбедна онлајн комуникација и сајбербулинг. 

Потоа следеше завршно обраќање на проектниот координатор од Романија, Кристина Андреи, која ги презентираше на кратко главните резултати од проектот, кој што завршува во август, и изрази задоволство од успешноста на проектот во целина, за што сведочат исполнетоста на поставените цели и самите проектни резултати. Исто така, посака соработката помеѓу партнер училиштата да продолжи и во иднина, преку нови Еразмус проекти.

На крај следуваше церемонијата за доделување на сертификати и завршната забава. 

Во попладневните часови, се упативме кон аеродромот во Мадрид, и во Македонија се вративме во утринските часови, наредниот ден.

Преку овие активности сите учесници ги прошираа своите знаења во врска со лажните вести и булингот, ги усовршија нивните дигитални и комуникациски вештини, го подобрија нивниот англиски јазик и научија за други култури. Ова беше едно убаво искуство за сите учесници.

Ова беше последната мобилност од овој проект, кој завршува во август, 2022 година.

[fblike]

Напишете коментар