0Shares

Во рамки на Еразмус+ проектот „Учиме англиски јазик преку драма и игри“, во периодот од 05 до 09 јуни, 2023 година, во партнерското училиште од Плопи Славитести, Романија, се одржа шестата мобилност со физичко присуство на учесниците од овој проект.

Учесници беа четири (4) ученици  од нашето училиште и наставничките Кристина Цонкинска и Кристина Младеновска Кузманоска, како и наставници и ученици од Турција, Романија и Португалија.

Во продолжение пренесуваме како течеше неделната програма. 

04.06.2023 година- Во попладневните часови македонскиот тим пристигна на аеродромот во Букурешт а потоа продолживме со патувањето до градот Каракал, каде што се сместивме во хотел.

05.06.2023 год.- Првиот ден од работната недела учесниците се упатија кон училиштето-домаќин, каде што ученици од училиштето има настап со традиционални танци. После обраќањето на координаторката од Романија, следеше презентацијата на романското училиште за игри преку кои може да се вежбаат модалните глаголи во англискиот јазик. После ручекот, учениците беа поделени во интернационални групи и требаше да ги осмислуваат нивните драми.

06.06.2023 год.- Вториот ден, учесниците продолжија со работата во нивните групи во училиштето. Португалските ученици ги претставија нивните игри со модалните глаголи. После ручекот, посетивме уште едно основно училиште во близина, а учениците во нивните групи пак работеа на нивните драми. Потоа се упативме кон градот Турну Магуреле, каде ја посетивме катедралата, а потоа ја видовме и реката Дунав која е природна граница меѓу Романија и Бугарија во голем дел.

07.06.2023 год.- Третиот ден учесниците го посетија градот Крајова, и во градскиот парк, ги вежбаа и одглумија нивните драми. 

08.06.2023 год.- Четвртиот ден, учениците имаа разглед на театарот во Крајова, имаа уникатна можност да проследат проба на актери од тој театар, имаа разглед на театарот, што има на и зад сцената, помошните простории, просториите за изработка на различни реквизити за сценските настапи и други помошни простории.

Потоа учениците имаа работилница со актерка од театарот.

Во вечерните часови, учесниците ја имаа завршната вечера, после која се играа традиционални танци.

09.03.2023 година- Последниот ден, по доделувањето на сертификатите, се упативме кон Букурешт, каде што ја видовме зградата на Парламентот, кој е втор по големина во светот. Потоа шетавме во стариот дел од градот, а го посетивме и музејот на села, каде што видовме како изгледале куќите во различни периоди и различни делови од Романија. 

Наредниот ден, се упативме кон аеродромот во Букурешт, и во Македонија се вративме во вечерните часови.

Преку овие активности сите учесници ги прошираа своите знаења во врска со театарот,  го подобрија нивниот англиски јазик и научија за други култури. Ова беше едно убаво искуство за сите учесници.

Ова беше последна мобилност од овој проект, кој официјално завршува во август, 2023 година.

Коментари

Leave a Reply