„ Ајде да играме пак- традиционални игри и активности како начин да се интегрираат и активираат младите луѓе“ е насловот на најновиот Еразмус+ проект во нашето училиште, кој започнува во септември, оваа година, и ќе трае две години.
Проектот адресира многу важни прашања. Пред сè, има цел да ги активира младите, кај кои пандемијата сериозно влијаеше на нивната социјализација и ги продлабочи проблемите поврзани со менаџирање на слободното време, насочувајќи ја скоро целата своја активност кон мобилни уреди. Преку запознавање со игрите и активностите на нивните баби и дедовци,
сакаме да ги заинтересираме учениците за други начини на исполнување на слободното време.
Второ, поради големиот број ослободувања од часовите по физичко, сакаме да ги стимулираме младите да бидат физички поактивни,со тоа што часовите по физичко ќе ги направиме поатрактивни, покреативни и поинтересни.
Трето, сакаме да иницираме почеста меѓугенерациска комуникација, која беше многу ограничена долги години, со цел да се црпи инспирација од постарите генерации за активно и полезно користење на слободното време.
Планираме собраните традиционални игри и активности и да ги објавиме на веб-страниците на училиштата кои учествуваат во проектот и во форма на мобилна апликација, за да бидат достапни и за други заинтересирани да ги користат.
Заедничката изведба на традиционални игри и активности на учесниците во проектот исто така ќе им овозможи значително зголемување на јазичните и социјалните компетенции на учениците. Учениците преку игрите ќе ја зајакнат и нивната физичка подготвеност. Проектот значително ќе придонесе за намалување на проблемите поврзани со депресија кај учениците после пандемијата.
Како дел од дисеминација на резултатите, по секоја мобилност, нејзините учесници ќе спроведуваат часови користејќи игри и активности научени за време на мобилностите.
Дополнително, учесниците ќе ги развијат и нивните јазичните вештини на англиски јазик преку комуникација со учесниците од другите партнерски земји. За време на меѓународни проекти, 92% од учесниците оцениле зголемување на нивото на јазикот на комуникација, а направените тестови укажуваат на пораст од 96%.
Планирана е дводневна подготвителна средба на дел од проектните тимови од сите партнерски училишта, која ќе се одржи во Кратово.
Потоа, следуваат интернационални средби на ученици и наставници во траење од една недела, во сите партнерски земји. На секоја интернационална средба ќе учествуваат по 8 ученици и 2 наставници/придружници од секое партнерско училиште ( односно вкупно 40 ученици и 10 наставници од партнерските училишта).
Проектот ќе го спроведуваат училишта од 6 земји:
School Complex in Dabrowa Bialystok, Полска – Главен координатор
Партнерски училишта:
- Newark School, Флориан, Малта
- Opshtinsko osnovno ucilishte Koco Racin,Kratovo, С.Македонија
- Laniteio Lykeio, Лемесос, Кипар
- 1st Lyceum of Ierapetra, Јерапетра, Крит, Грција
- Salcininku Jano Sniadeckio junior high school, Шалцининкаи, Литванија
Во секоја земја е планирана интернационална средба на ученици и наставници во текот на следните две години.