3Shares

Во рамки на Еразмус+ проектот „Model European Union“, во периодот од 22 до 26 април, 2024 година, во нашето училиште, се одржа четвртата, а воедно и последна мобилност со физичко присуство на учесниците од овој проект.

Учесници беа дванаесет (12) ученици и шест (6) наставници од Романија, Полска и Турција и дванаесет (12) ученици и двајца (2) наставници од нашето училиште.

Темата што учесниците во проектот ја дискутираа оваа недела беше „Вештачка интелигенција“. Учениците беа во улога на делегати кои што претставуваа различни европски земји и на самите дебати, тие ги презентираа ставовите на земјите што ги претставуваат во однос на темата за вештачка интелигенција, предностите и слабите страни на истата и колку таа е навлезена во системот и секојдневието на луѓето во тие земји. 

Дебатите траеја три дена, а на четвртиот и петтиот ден беше подготвена и изгласана Резолуција, во која што делегатите ги изнесуваат проблемите поврзани со темата и даваат можни решенија.

Во текот на работната недела, учесниците беа во посета на Камените кукли во Куклица, имаа разглед на Скопје со туристички водич и го посетија Музејот на град Кратово и Саат кулата во Кратово. 

Програмата заврши со доделување на сертификати на сите учесници, како и избирање на најдобар делегат, двајца извонредни делегати и најдобра делегација. За најдобар делегат беше избрана ученичка од Турција, а двајцата извонредни делегати беа учениците Божидар Златковски и Мила Димитриевска од нашето училиште, што е за голема пофалба. Уште две ученички што беа пофалени од страна на претседавачите на дебатите, беше ученичката Антонија Николовска од нашето училиште и уште една ученичка од Турција. Најдобра делегација беше делегацијата од Романија, чии ученици беа претседавачи со самите дебати и одлични оратори со големо искуство во вакви дебати, кое искуство го пренесоа и на останатите учесници.

Во иднина се надеваме на понатамошна плодна соработка со нашите партнерски училишта во нови проекти. 

Коментари

Leave a Reply