Во рамки на Еразмус+ проектот „ЛИСТОВИ“, во периодот од 27 до 31 мај, 2024 година, во партнерското училиште од Леирија, Португалија се одржа четвртата мобилност на учесниците од овој проект.
Учесници беа четири (4) ученички од нашето училиште и наставниците Кристина Цонкинска и Марија Чочевска, како и наставници и ученици од Словачка, Германија, Португалија, Полска и Кипар.
Во продолжение е неделната програма.
25.05.2024 година- Во раните утрински часови македонскиот тим пристигна на аеродромот во Скопје, а потоа летавме до Порто, со конекција во Истанбул. Откако се сместивме во Порто, имавме разглед на градот.
26.05.2024 год.- Следниот ден се упативме кон Леирија, а кога стигнавме таму, учениците отидоа во фамилиите- домаќини, а наставниците се сместивме во хотел.
27.05.2024 год.- Првиот ден од работната недела, по официјалното отпочнување на програмата со обраќањето на директорот и координаторот од училиштето во Леирија, учесниците имаа разглед на партнерското училиште. Потоа,следуваа активности за подобро запознавање на учесниците. После паузата, учениците и наставниците беа поделени во 6 интернационални групи и имаа задача да изберат една од понудените теми, во врска со која ќе треба да снимаат видео во текот на неделата.
Потоа, сите учесници имаа презентација и работилница за користење на веб програмата nearpod, за креирање на интерактивни видеа.
28.05.2024 год.- Вториот ден, учесниците имаа три различни работилници. Една работилница беше за рециклирање на стара хартија во локална фирма. Друга работилница беше поврзана со запознавање на учениците со видовите отпад во морињата и океаните и за опасноста од инвазивните видови на крајбрежјата. Третата сесија беше презентација на користа од медитација.
После паузата, учесниците следеа училишна приредба преку која се запознаа со дел од историјата на Португалија.
29.05.2024 година- Третиот ден учесниците имаа посета на повеќе места. Прво го посетивме познатото религиско место Фатима, потоа ја посетивме пештерата Мира де Аире, каде имавме разглед со водич. Потоа имавме ручек во градчето Калдас, а потоа разглед на Обидос и Назаре. Во Назаре видовме жени облечени во традиционална облека.
30.05.2024 година- Четвртиот ден, учениците и наставниците имаа активности на крајбрежјето, односно ги отстрануваа инвазивните видови на самото место а потоа го собираа ѓубрето наоколу.
Во попладневните часови, имавме заедничка вечера сите учесници и фамилиите-домаќини, и имавме можност да вкусиме традиционални јадења.
31.05.2024 година- Последниот ден, учесниците ги завршуваа своите видеа и ги објавуваа на јутјуб каналот на проектот.
Потоа следуваше доделувањето на сертификатите за учество на сите учесници
01.06.2024 год.- Во утринските часови се упативме кон аеродромот во Порто, а во Македонија се вративме наредниот ден, по долгата пауза во Истанбул.
Преку овие активности сите учесници ги прошираа своите знаења, ја развиваа нивната креативност преку извршување на различни задачи, ги усовршија нивните дигитални и комуникациски вештини, го подобрија нивниот англиски јазик и научија за други култури. Ова беше едно убаво искуство за сите учесници.
Следната мобилност од овој проект ќе биде од 04 до 08 ноември, 2024 година во партнерското училиште во Никозија, Кипар.