43Shares

Честитки за наградените ученици и сите ученици кои учествуваа на литературниот конкурс. Во прилог Ви ги претставуваме победничките литературни творби и галеријата доделувањето на наградите и дипломите по повод патрониот празник на училиштето.

Наградени литературни творби:

I ва- награда, Марија Стаменовска VIII a одд.

Белите мугри во светлината на денот

 

Ноќта полека се спушташе. Ѕвездената покривка го обививаше Лопушник, а некаде во далечината се слушаше виорот на ветрот. Сè беше навидум тивко, а сепак толку гласно. Оддалеку едно момче чекореше по калливите патеки, со мисли полни со грижа и желба да го промени светот што го гледаше околу себе. Предоцна беше. Истрелот од пиштолот одекна низ гората, а неговото младо тело падна на студената земја…Тоа беше ноќта кога Лопушник го проголта младото чедо на Македонија, нашиот херој и писател, Кочо Рацин.

Кочо Рацин беше човекот кој имаше огромна желба да го промени светот. Гледајќи како несреќата стануваше незаменлив дел од секојдневието на луѓето, посакуваше барем за момент да може да ја запре тагата и да успее да ја раскаже приказната за животот на луѓето во Македонија. Од мал знаеше дека животот е студен и суров, но веруваше дека вистината и зборот ја имаат моќта да ја донесат светлината во темината. Кочо пишуваше стихови кои гореа како свеќа во темната студена ноќ. Во неговото срце, одново и одново, секоја ноќ се раѓаше желбата да зборува за болката на луѓето и неправдите на кои секојдневно беа подложени. Тој не се плашеше да зборува за вистината, затоа и животот му беше тежок.

Неговите стихови во стихозбирката ,,Бели Мугри” се огнот кој сè уште гори и ни го осветлува патот кој самите ние избираме дали храбро ќе го изодиме или кукавички ќе се откажеме и предадеме.

Кочо Рацин. Име кое останува како нераскинлив дел од македонската литература. Име кое вечно треба да се споменува, и никогаш да не се заборава.

II ра- награда, Симона Краљевска V а одд.

РАЦИН ЖИВЕЕ ВО НАШИТЕ СРЦА

„Силно светнал ден“,
a Рацин со перото во рака
пишувал за измачениот народ
и за својата љубовна мака.
„Стани си утре порано“
во летните денови жешки,
тутун за корка леб работи
по тие ниви велешки.
Се буди уште едно утро над нас,
а во зората студена рана,
тргнал Рацин да бара спас.
Се водела борба со денови
со непријателот за крв жеден,
за мир и слобода на народот беден.
На планината горе високо
Рацин умира.
Протекла црвена крв жешка –
куршумот го убива.
И можеби животот завршил таму
со своите песни и раскази,
Рацин – живее во нашите срца.

III та- награда, Сара Стојковска IX б одд.

КОЧО РАЦИН

Од длабока земја збор се крена,
со пот и солзи, со мака скриена,
глас на народот од болка роден –
Кочо Рацин со зборот човечен.
Во секој миг – рударска ноќ
раце испукани, немоќ и моќ.
Лебот е тежок, денот е црн,
зборот му свети како пламен жарен.
Тој ја слушаше тишината строга
каде срце плаче од жал и тага
и од таа болка песна напиша
за да не се заборави, за да се памети.
Мугрите светнаа во негов глас
како надеж што доаѓа на час.
Од темнината кон утро ново
со збор прост и а сила громовна.
Рацин не пишуваше само стих
туку судбина, живот и вик.
Денес во стихот му чука срце
како земја што дише, што трпи, што боли.
Кочо Рацин – име што светли и грее
тешката судбина гордо ја пее,
не згасна, не падна во тишина
за народот стана светлина.

Коментари