За учениците денес започна новата учебна 2026/2027 година.
Традиционално, првиот училишен ден во ООУ „Кочо Рацин“ – Кратово помина во позитивна и радосна атмосфера, со пригодна свеченост подготвена од вработените во нашето училиште. На сите ученици, а особено на нашите првачиња, им посакуваме топло добредојде, успешен почеток и многу убави моменти исполнети со дружење, нови знаења и желба за учење.
Образованието е важен и понекогаш тежок, но истовремено интересен и вреден предизвик. Тоа ги отвора вратите кон знаењето, напредокот, личниот развој и успехот. Ученичките денови се едни од најубавите денови во животот, затоа ги охрабруваме учениците да го започнат образовниот процес со насмевка, љубопитност и желба за постигнување високи резултати. Веруваме дека со труд, посветеност и поддршка ќе се изградат во успешни личности кои во иднина ќе придонесуваат за развојот на нашиот град Кратово и на целото општество.
Честитки по повод почетокот на новата учебна година упати и градоначалникот на Општина Кратово, Тодорче Николовски, кој од свое лично име и во име на Советот на Општина Кратово им посака на учениците успешна и плодна учебна година со доделување на ранчиња со училишен прибор.
Среќен почеток и успешна учебна година на сите ученици!
































