[fblike]

Во рамки на Еразмус+ проектот „Model European Union“, во периодот од 02 до 06 октомври, 2023 година, во партнерското училиште од Равич, Полска, се одржа третата мобилност со физичко присуство на учесниците од овој проект.

Учесници беа пет (5) ученици од нашето училиште и ученици од Романија, Полска и Турција.

Темата што учесниците во проектот ја работеа оваа недела беше „Вредностите на ЕУ и активно граѓанство“.

01.10.2023 год. – Откако во попладневните часови полетавме од аеродромот од Скопје, македонскиот тим пристигна на аеродромот во Вроцлав, а потоа се упативме кон градот Равич, каде што пристигнавме вечерта, истиот ден. Веднаш откако пристигнавме во местото, учениците отидоа кај фамилиите- домаќини, а наставниците се сместија во хотел.

02.10.2023 год.- Првиот ден од работната недела започна со свечен говор за добредојде од страна на директорот на училиштето. Потоа следуваа презентациите кои ги подготвија тимовите од училиштата учесници во проектот на тема „Активно граѓанство“. По кратката пауза учениците почнаа работилница/дебата на темата за оваа недела, по што следуваше ручек и разгледување на градот Равич. Учениците ја посетија и локалната мултимедијална библиотека, каде што имаа работилница за тимска работа.

03.10.2023 год.- Вториот ден се упативме кон градот Вроцлав каде што учениците имаа презентација на тема „Активно граѓанство“ од страна на локалната невладина младинска организација MODE. На презентацијата, покрај другото, учениците се запознаа и со многуте можности кои ги нуди Еразмус+ програмата и Европкиот солидарен корпус (ЕСК) за младите во Европа. После презентацијата учениците беа поделени во 4 групи и имаа задача да го истражуваат Вроцлав преку различни предизвици, и да научат повеќе за неговата богата историја. После играта, сите учесници имаа разглед на градот со туристички водич, кој на интересен начин ни ги претстави најзначајните знаменистости во градот.

04.10.2023 година – Третиот ден учениците имаа дебати во рамки на Ecofin комитетот, за благосостојбата на луѓето во различни европски земји, кој заслужува надомест од државата, и колку треба државите да инвестираат во социјална заштита/поддршка.

Наставниците имаа координативен состанок на кој се одлучуваше за датумот за последната мобилност од овој проект, и се одбра неделата од 22 до 26 април, 2023 год. Оваа мобилност ќе се одржи во нашето училиште.

05.10.2023 година – Четвртиот ден учесниците продолжија со нивните дебати. Потоа се продолжи со изработка на работни верзии од претходно зацртаните резолуции. По паузата, работните групи продолжија со работа и ја изготвија финалната верзија од резолуцијата. Како последна активност во овој дел беше презентирањето и изгласувањето на донесената резолуција од страна на учесниците во работилниците.

На состанокот на наставниците се работеше на довршување на активностите/вмрежувањето  преку  eTwinning платформата.

Подоцна, истиот ден, од страна на домаќините беше организиран настан од културно-забавен карактер – официјална завршна вечера. На истата, учениците имаа можност да пробаат традиционална послка храна, подготвена од фамилиите-домаќини. Потоа сите земји ги претставија дел од нивните традиционални танци.

06.10.2023 година – Последниот, петти ден учесниците и формално завршија со своите задачи. Истите беа разгледани и евалуирани и од страна на наставниците. Сите учесници имаа задача да го пополната формуларот за евалуација на работната недела во Равич. Потоа беа врачени сертификати за учество во проектот, со што и заврши оваа мобилност од проектот.

07.10.2023 год. -Во раните утрински часови се упативме кон аеродромот во Вроцлав, и во попладневните часови, стигнавме во Кратово.

Преку овие активности учесниците ги проширија своите знаења во врска со политиките на различни европски земји за социјална заштита на своите граѓани и  резолуцијата како формален писмен заклучок, ги усовршија нивните дигитални и комуникациски вештини, го подобрија нивниот англиски јазик и научија за други култури. Ова беше едно убаво искуство за сите учесници.

Следната мобилност од овој проект ќе биде 22 до 26 април, 2024 година во Кратово.

 

Наставник ментор:
Кристина Цонкинска
[fblike]

Напишете коментар