76Shares

Како дел од Еразмус+ проектот „ЛИСТОВИ“ на 09 јуни, 2025 година, во нашето училиште се одржа креативна работилница, како завршен настан од проектот. На почеток на настанот беа презентирани активностите и резултатите од проектот во текот на овие три години и беше презентиран јутјуб каналот на проектот erasmus+ leaves.

Бидејќи една од главните цели на проектот е заштита на животната средина и подигање на еколошката свест кај младите луѓе, како завршен настан испланиравме работилница на која учениците дознаа каков може да биде отпадот и како може отпадот да се претвори во нешто корисно и да му се даде нова намена, наместо да заврши во некоја депонија.

Работилницата ја водеа две сограѓанки кои професионално се занимаваат со рачни изработки и кои многу често како репроматеријали користат отпадни материјали.

Елена Арсовска им ја презентираше на учениците техниката декупаж и тие правеа интересни украси од стари тегли и шишиња.

Љупка Мијалковска презентираше како работи на своите дрвени изработки, односно како може да се декорираат и претворат дрвените плочки во приврзоци, обележувачи за книги, подметачи за чаши и слично.

Учесници беа 20 ученици и 3 наставници од нашето училиште. Работилницата беше многу интересна а учениците можеа на уникатен начин да ја изразат својата креативност.

Благодарност до Елена и Љупка за нивните интересни презентации и несебично и едноставно пренесување на техниките за работа и за сите учесници на настанот за нивната ангажираност и креативност. Се надеваме дека во иднина нашите ученици ќе прераснат во свесни граѓани кои ќе прават позитивни промени во нивната заедница.

Коментари