0Shares

Во периодот од 31 мај до 2 јуни, 2021 година, нашето училиште беше домаќин на петтата мобилност од Еразмус + проектот „ГЛАСОВИ“, која по втор пат се одржа онлајн, поради сѐ уште актуелната ситуација со пандемијата предизвикана од КОВИД19.

Седум ученици од нашето училиште, под менторство на наставничките Кристина Цонкинска и Мирјана Манева-Арсовска, учествуваа во тридневните неколкучасовни онлајн средби со учесниците од партнер училиштата од Словачка и Полска.

Првиот ден, преку видеата за нашето училиште, град и земја, останатите учесници дознаа повеќе за убавините на Кратово, Куклица и С.Македонија. Потоа следуваше Кахут квиз преку кој учесниците од другите партнер-училишта си ги проверија нивните предзнаења на тема Македонија. Веднаш потоа следуваше поделбата во интернационални групи и објаснување на задачите на секоја група, кои беа поврзани со подготвување на содржини за петтиот број на онлајн списанието „ГЛАСОВИ“, кое наскоро ќе биде објавено на официјалната веб страна на проектот.

Темата на овој број од списанието е „Животна средина“. Учениците истражуваа и пишуваа прилози  поврзани со темата, направија анкета и стрип на истата тема, прилог за културното наследство на С.Македонија, а беше креирано и заедничко видео, во кое беа опфатени различни сегменти од оваа тема.

Последниот ден, сите групи презентираа што сработиле во претходните денови, а потоа ги споделија нивните впечатоци од онлајн средбите и соработката со учениците од другите партнерски училишта. Сите учесници беа задоволни од целата организација на овој настан, кој се одвиваше без технички проблеми.

Наставниците цело време ја следеа и менторираа работата на групите. Третиот ден, тие исто така учествуваа во тричасовна обука на тема „Развивање на социо-емоционална интелигенција кај учениците“ во која предавач беше психологот Јасна Ѓоргиевска.

 

Ова беше последната активност од Еразмус+ проектот „ГЛАСОВИ“ кој започна во септември, 2018 година а завршува во август, 2021 година. Повеќе за овој проект можете да прочитате на официјалната страна на проектот на следниот линк: https://erasmusonline.wixsite.com/official

Наставниците и учениците кои зедоа учество во овој проект научија многу за културата на партнерските земји, ги развија нивните дигитални и комуникациски вештини и го подобрија нивното познавање на англискиот јазик. Се надевамe дека ќе ја продолжиме одличната соработка со нашите партнер-училишта преку идни проекти.

Коментари

Leave a Reply