0Shares

Во рамки на Еразмус+ проектот „Model European Union“, во периодот од 15 до 19 мај, 2023 година, во партнерското училиште од Мерсин, Турција, се одржа втората мобилност со физичко присуство на учесниците од овој проект.

Учесници беа три (3) ученици од нашето училиште, наставникот Тошо Петков и наставници и ученици од Романија, Полска и Турција.

Темата што учесниците во проектот ја работеа оваа недела беше „Климатски промени – влијанието врз нашите животи и средината во која живееме“, а учениците преку различни активности и работилници учеа за денешните предизвици како последица од климатските промени.

14.05.2023 год. – Откако во раните утрински часови полетавме од аеродромот од Скопје, попладнето преку Истанбул, македонскиот тим пристигна на аеродромот во Адана, а потоа се упативме кон градот Мерсин, провинција Мерсин, каде што пристигнавме вечерта, истиот ден. Веднаш откако пристигнавме во местото, учениците отидоа кај фамилиите- домаќини, а наставниците се сместија во хотел.

15.05.2023 год.- Првиот ден од работната недела започна со свечен говор за добредојде од страна на директорот на Државното училиште „Јахја Акел Фен Лисеси“, Бајрам Челик. Потоа следуваа презентациите кои ги подготвија тимовите од училиштата учесници во проектот на тема „The big 3R“ и „Ecology in my country and city“, меѓу кои беше и нашето училиште. По кратката пауза учениците почнаа работилница/дебата на темата за оваа недела, по што следуваше ручек и разгледување на градот и неговите знаменитости. На состанокот на наставниците беше разговарано подетално околу активностите кои следуваат во работната недела.

16.05.2023 год.- Вториот ден се одржа работилница во рамките на Поморскиот институт (METU, Institute of Marine Sciences) на тема „Влијанието на климатските промени на живиот свет и на нас како дел од истиот“. На работилницата, меѓу другото се зборуваше за поврзаноста помеѓу загадувањето на копното и водите, како и за влијанието на климатските промени на живиот свет во морињата и океаните. По кратката пауза, учесниците продолжија со работилницата, на која се зборуваше за влијанието на загадувањето и климатксите промени на специфични видови морски животни, а како посебен пример беа издвоени неколку видови на морски желки, за кои институтот располага со детални податоци и информации, а истите бее презентирани од страна на докторанти-вработени на институтот. По ручекот, се упативме кон разгледување на туристичките и културни знаменитости пештерите „Рај и пекол“ и „Замокот на девојката“. По разгледувањето, учесниците имаа време да го разгледаат градот кој го посетија (Кизкалеси).

17.05.2023 година – Третиот ден отпочна со работилница/дeбата која заврши со ручек од каде се упативме кон градот Тарсус, кој се одликува со многу културни и историски знаменитости. Таму го посетивме домот, односно бунарот на Свети Павле, католичката црква Свети Павле, Големата џамија, Базарот, а учениците имаа можност да ги разгледаат куќите и останатите градби, дел од староградската архитектура. По патот кон Тарсус, учениците исто така посетија и уште неколку културно-историски знаменитости на провинцијата Мерсин.

18.05.2023 година – Четвртиот ден учесниците продолжија со работилници/дебата. На истата се продолжи со изработка на работни верзии од претходно зацртаните резолуции. По паузата, работните групи продолжија со работа и ја изготвија финалната верзија од резолуцијата. Како последна активност во овој дел беше презентирањето и изгласувањето на донесената резолуција од страна на учесниците во работилниците. На состанокот на наставниците се работеше на довршување на активностите/вмрежувањето  преку  eTwinning платформата. Подоцна, истиот ден, од страна на домаќините беше организиран настан од културно-забаванен карактер – официјална завршна вечера. На истата, учениците имаа можност да се дружат и да ја заокружат успешната работна недела. Со ова се одбележа и успешната реализација на предвидените активности, дел од оваа мобилност. 

19.05.2023 година – Последниот, петти ден учесниците и формално завршија со своите задачи. Истите беа разгледани и евалуирани и од страна на наставниците. На последната официјална свечена церемонија беа врачени сертификати за учество во проектот, со што и заврши оваа мобилност од проектот. По доделувањето на сертификатите, со автобус се упативме кон аеродромот во Адана, од каде преку Истанбул слетавме во Скопје во доцните вечерни часови.

Преку овие активности учесниците ги проширија своите знаења во врска климатските промени, што претставуваат и на кои се начини влијаат врз нашиот живот, животинскиот свет и нашата околина, резолуцијата како формален писмен заклучок, ги усовршија нивните дигитални и комуникациски вештини, го подобрија нивниот англиски јазик и научија за други култури. Ова беше едно убаво искуство за сите учесници.

Следната мобилност од овој проект ќе биде од 2 до 6 октомври, 2023 година во Равич, Полска.

Коментари

Leave a Reply