[fblike]

Проектот „Нуркаме во дигитално изучување на јазик“ ( Diving into Digital Language Learning) во кој учествуваат ученици и наставници од ООУ „Кочо Рацин“, Кратово, произлегува од потребата за подобрување на дигиталните вештини на учениците како и нивното владеење на странски јазици.

Првата мобилност од овој проект, кој е финансиран преку Еразмус + програмата на ЕУ, се одвива во Кратово, а учесници се 21 ученик, 9 наставници и 2 директори од 5 партнерски училишта од Италија, Турција, Холандија, Шпанија и Португалија во период од 3 до 9 Ноември 2019 година.

Координаторот на проектот е професорката по англиски јазик, Кристина Цонкинска: „Овој проект, кој започна во септември оваа година, е со времетраење од 24 месеци и предвидени се повеќе активности: користење на различни веб алатки за изучување на странски јазици, креирање на онлајн игри, почетно програмирање и многу други интересни задачи, коишто учениците ќе ги исполнуваат соработувајќи со нивни врсници од другите партнер училишта. Главната цел е учениците учесници во проектот да ги развијат нивните комуникативни и дигитални вештини, како и да развијат чувство на припадност на едно големо европско семејство, со исти европски вредности. Нашите ученици со голем ентузијазам учествуваат во вакви проекти, затоа што покрај останатото, се запознаваат со други култури и стекнуваат бројни пријателства кои продолжуваат и по мобилностите.“

Покрај овој проект, ООУ „Кочо Рацин“, Кратово, е партнер училиште во уште два Еразмус+ проекти, а следната мобилност на учениците од ова училиште ќе биде во декември во Бакау, Романија.

[fblike]

Напишете коментар