[fblike]

Во рамки на Еразмус+ проектот „Учиме англиски јазик преку драма и игри“, во периодот од 13 до 17 март, 2023 година, во партнерското училиште од Паневежис, Литванија, се одржа четвртата мобилност со физичко присуство на учесниците од овој проект.

Учесници беа четири (4) ученици  од нашето училиште и наставничката Кристина Цонкинска, која е проектен координатор, како и наставници и ученици од Турција, Романија, Португалија и Литванија.

Темата што учесниците во проектот ја работеа оваа недела беше „Дневна рутина“, а учениците преку игри и драма го вежбаа сегашно просто време во англискиот јазик.

Во продолжение ви пренесуваме како течеа проектните активности:

12.03.2023 година- Во вечерните часови македонскиот тим пристигна на аеродромот во Вилниус а потоа продолживме со патувањето до градот Паневежис, каде што се сместивме во хотел.

13.03.2023 год.- Првиот ден од работната недела учесниците се упатија кон училиштето-домаќин, каде што ученици од училиштето има настап со традиционални танци. После обраќањето на координаторката од Литванија и директорката на училиштето, беа претставени сите тимови. Потоа следеше обиколка на училиштето. 

По заедничкиот ручек, се упативме кон познатиот театар во градот Miltinis Drama Theatre, каде што учениците можеа да ја разгледаат сцената и зад сцената а вработена во театрот ни објасни колкав тим работи на секоја претстава и какви подготовки се потребни.

Вечерта наставниците имавме заедничка вечера, на која претходеше презентација за познатиот уметник Милтинис кој го основал театрот што го посетивме тој ден.

14.03.2023 год.- Вториот ден, учесниците имаа работилница во училиштето за драмска музика. Потоа имавме разглед на градот. По ручекот, го посетивме куклениот театар каде што учениците следеа куклена претстава а потоа им беа презентирани разните видови на кукли, како се изработуваат, како функционира тетатарот и слично. 

15.03.2023 година- Третиот ден учениците ги играа игрите поврзани со сегашно просто време, односно дневна рутина, подготвени од партнерските училишта.

Откако учениците завршија со ручекот, се вратија во училиште и почнаа да работат на драмите поврзани со дневна рутина во различни историски периоди. Се подготвуваа костуми, сценарио и изведба. Наставниците посетија локална фабрика за изработка на стаклени украси. 

16.03.2023 година- Четвртиот ден, се упативме кон Вилниус. Прво го посетивме театарот Vilnius Cinema, Theatre and Music Museum, каде што учениците имаа работилница насловена „Шесте елементи“. Учесниците научија за шесте клучни личности во креирањето на секоја претстава. Учениците беа поделени во 3 групи, во секоја група учениците добија задача, и секоја група требаше да смисли и одглуми една кратка сцена. 

После ручекот, имавме разглед на градот и слободно време. 

17.03.2023 година- Последниот ден, учесниците ги имаа последните подготовки пред претставата. Потоа следуваше претставата насловена “Everyday Drama”, што ја сочинуваа драмите на сите групи, кои претставија различни периоди од развојот на човештвото, од камено доба до модерно време. 

По претставата, имавме ручек, а потоа следуваше доделувањето на сертификатите и завршната забава на која се играа и традиционални танци. 

Наредниот ден, се упативме кон аеродромот во Вилниус, и во Кратово се вративме во вечерните часови.

Преку овие активности сите учесници ги прошираа своите знаења во врска со театарот,  го подобрија нивниот англиски јазик и научија за други култури. Ова беше едно убаво искуство за сите учесници.

Следната мобилност од овој проект ќе биде од 8 до 12 мај, 2023 година во партнер училиштето од Португалија.

[fblike]

Напишете коментар