Во рамки на Еразус+ проектот „Биди Безбеден“, во периодот од 27 септември до 01 октомври, 2021 година, во ООУ„Кочо Рацин“- Кратово, се одржа втората мобилност со физичко присуство на учесниците од овој проект, со исклучок на партнер училиштето од Финска, кое што учествуваше онлајн во планираната програма.

Учесници беа седумнаесет (17) ученици и три (3) наставнички од нашето училиште, и седум (7) наставници и петнаесет (15) ученици од Романија, Луксембург и Шпанија. Од училиштето од Финска, онлајн учествуваа 11 ученици и 3 наставници.

Темите што учесниците во проектот ги работеа оваа недела беа „Лажни политички вести“ и „Превенција/заштита од булинг“.

Првиот ден македонските ученици имаа презентации за училиштето, градот и земјата, а потоа секое училиште зборуваше за ситуацијата со лажни вести и булинг во нивните земји. Учесниците исто така имаа активности за меѓусебно запознавање, а во попладневните часови имавме организирана прошетка со туристички водич во Кратово.

Вториот ден, учениците беа поделени во шест (6) групи и работеа на различни задачи. Дел од групите изработуваа дигитални постери поврзани со лажни вести и начин како да се детектираат истите, а останатите три групи работеа на летоци, брошури и активности за Антибулинг настанот, кој што се случи во четвртокот, на 30 септември. Во попладневните часови, гостите го посетија главниот град.

Третиот ден имавме екскурзија до Прилеп и Крушево и посета на најважните културно-историски споменици во овие места.

Четвртиот ден, учениците од групите за лажни вести пишуваа онлајн прилози полни со лажни вести. Учениците од антибулинг групите, ги правеа последните подготовки за Антибулинг настанот. Тој се случи во нашето училиште, на кој присуствуваа ученици кои не се директно вклучени во проектот, и на нив им беа претставени финалните презентации подготвени од антибулинг групите. Учениците пак, што ги пишуваа лажните вести, ги прочитаа нивните прилози, а потоа поставуваа прашања на присутните поврзани со начини на препознавање на лажни вести.  Наставниците имаа состаноци на кои зборуваа за следните активности од проектот.

После завршување со активностите во училиштето, гостите ги посетија Камените кукли во Куклица, а во вечерните часови, се одржа завршната манифестација и доделување на сертификатите на сите учесници.

Последниот ден, учесниците пишуваа кратки извештаи за тоа што сработиле во текот на неделата, пополнуваа прашалници за евалуација и споделуваа искуства.

Преку овие активности сите учесници ги прошираа своите знаења во врска со лажните вести и булингот, ги усовршија нивните дигитални и комуникациски вештини, го подобрија нивниот англиски јазик и научија за други култури. Ова беше едно убаво искуство за сите учесници.

Во рамки на овој проект, преостануваат уште три мобилности, кои е планирано да се реализираат до јуни, 2022 година.

 


Напишете коментар